Илјада и тринаесет станови се предвидени за изградба со издадените 321 одобрение за градење во март годинава во државава, а повеќе од половина од становите, 607, се во Скопскиот регион, покажуваат податоците што ги објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС). Бројот на одобренијата за градење во март годинава е за 22,7 проценти помалку во однос на истиот месец од лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 5 855 367 000 денари, за 4,8 проценти повеќе споредено со истиот месец од претходната година.
Во Охрид во март се издадени 11 одобренија за градење од кои седум на физички лица и четири на деловни субјекти. Предвидената вредност на објектите е 171 350 денари. Планирана е изградба на 53 стана со вкупна корисна површина од 3 603 метри квадратни, покажуваат податоците на ДЗС.
Статистичките податоци од почетокот на годинава покажуваат дека во јануари годинава во Охрид биле издадени 19 одобренија за градење на 150 станови со вкупна корисна површина од 10460 м2, додека во февруари 10 одобренија за градење на 75 станови со вкупна корисна површина од 4968 м2.
Н.С.Ј.