И оваа година на денес и утре свечено ќе се одбележи големиот христијански празник посветен на заштитникот и Охридски чудотворец – Свети Еразмо.
Ве покануваме заедно да го прославиме значајниот христијански празник посветен на нашиот заштитник и Охридски чудотворец – Свети Еразмо. Денес во 19:00 часот ќе биде отслужена Празнична вечерна богослужба, додека утре во 07:45 часот ќе започне Утрената богослужба. Пречекот на Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски ќе биде потоа во 09:00 часот. Светата архиерејска Литургија ќе започне во 09:15 часот. Нека ни е напомош празникот Свети Еразмо и за многу години, се гледаме во манастирот!, велат организаторите.
Инаку, култот кон Св. Еразмо е особено голем во Охрид. Традиционално охриѓани во очи празникот масовно ја посетуваат малата пештерска црква во близина на градот, каде палат свеќи и се молат за здравје.
Овој светец од Бога даруван со чудотворна моќ е роден во Антиохија и живеел за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан. Како архиереј патувал и го проповедал Евангелието па така стигнал и во Охрид. Откако го воскреснал синот на некој човек по име Атанас крстил многу луѓе, а идолските жртвеници ги разурнал. Поради тоа бил обвинет кај царот Максимилијан кој му наредил на бакарниот кип на Зевс да му се поклони и да му принесе жртва. Но Еразмо направил од статуата да излезе ламја и да го исплаши народот.
По овој настан Св. Еразмо крстил 20 000 луѓе но по наредба на царот сите биле исечени, а Еразмо бил затворен. Но тогаш се јавил ангелот и го ослободил од затворот како што многу порано го ослободил и Св. Петар. Пред смртта се повлекол во една пештера и во молитви го минал животот.
OhridNews