Во 15 наши дипломатско-конзуларни претставништва ќе бидат поставени базни станици со што ќе се олесни и забрза процесот на издавање патни исправи за нашите исленици. Досега за издавање пасоши на барање од наши државјани кои живеат во странство беше преку амбасадите од каде податоци земаа мобилни тимови од МНР, ги носеа истите на обработка во МВР и потоа повторно ги враќаа назад во амбасадите со што процесот на издавање на патни документи траеше во просек од четири до шест месеци.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на промоцијата на новите базни станици на која присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, оцени дека тоа ќе претставува револуција во услугите што ги дава државата кон дијаспората.
Веќе првата екипа од МНР тргна вчера за Германија, во моментот се инсталираат базни станици во Минхен, Бон и Берлин, а потоа и во Брисел. Втората екипа оди во Берн, Виена и Венеција. Третат екипа оди во Лондон, потоа ќе има мобилна станица во Стокхолм. Четвртиот тим ќе се упати во САД каде ќе инсталира базни станици во Њујорк и Чикаго, продолжувајќи во Канада, каде ќе биде инсталирана една мобилна станица во Торонто. Последниот тим ќе биде упатен во Австралија каде ќе биде инсталирана една Мобилна станица во Мелбурн. Досегашната постапка за издавање на пасоши просечно траеше од четири до пет месеци, а нашата анализа покажува дека во некои случаи постапката се одолговлекуваше и над шест месеци. Покрај времето, тоа претпоставуваше и големи трошоци, како за самите граѓани, така и за министерството”, истакна министерот Османи.
Министерот за внатрешни работи,Оливер Спасовски истакна дека со цел брзо и ефикасно остварување на правата на граѓаните кои живеат надвор од државата, со поставувањето на фиксните базни станици ќе овозможиме прием на барањата за патни исправи во дипломатско-конзуларните претставништва и нивно процесирање на дневна основа, со проверка на податоците во реално време.
Со ова ќе се намалат и гужвите на шалтерите на управните служби за време на летните месеци во нашата држава, бидејќи граѓаните истата услуга ќе ја добиваат во нашите конзулати во државите во кои престојуваат“, истакна Спасовски
МНР има формирано пет тима, составени од вработени во министерството, кои ќе вршат обука и инсталација на базните и мобилните станици во амбасадите и конзулатите на државава кои се мапирани дека се со најбројна популација и со најголеми потреби за овие услуги.