Во Македонија треба да се одржат социјални избори за да се легитимира синдикалното движење и да се разреши дилемата околу тоа кој синдикат може да биде репрезент на работниците во дијалогот со владата. Ова беше речено на семинарот што на тема Социјални избори се одржува во Охрид.
На семинарот што го организира Унијата на независни синдикати на Македонија – УНСМ, учествуваат триесетина претставници на УНСМ, претставници на синдикалното движење на Косово и странски експерти.
“Социјалните избори се единствениот инструмент кој на валиден начин можат да ја покажат и докажат репрезентативноста на еден синдикат. Секој може да претендира дека ги репрезенттира работниците но кога би се одржале социјални избори би се покажало вистински кој го има мандатот на работниците за да ги застапува“, смета Леон Друкер – претседател на фондација Призма лукс од Луксембург. Тој посочи дека во Луксембург за да биде еден синдикат репрзент на работничките права мора да ужива подршка од најмалку 20% во сите стопански гранки.
Друкер не сакаше да ја коментира состојбата во социјалното движење во земјава, но рече дека во Македонија недостигаат инструменти за заштита на работничките права.
За да се докаже вистинската состојба во Македонија неопходни се социјални синдикални избори. Вака има страшна ситуација каде што ССМ се прикажува како мнозински синдикат и дека е единствен репрезент на работниците во земјата, вели Слободан Антовски од УНСМ.
“Доколку дојде до социјални избори ќе се види реалната состојба во синдикалното движење во Македонија, кој е вистинскиот фактор и кој ќе преговара со владата“, рече Антовски. Не значи тоа дека УНСМ ќе победи но социјални синдикални избори треба да има, рече Антовски кој најави дека УНСМ ваквата идеја ќе и` ја презентира на владата.