Во Македонија според РЗЗЗ се регистрирани околу 5000 болни од грип. Најмногу болни по глава на жител има во Ресен, Кочани и Куманово. Во Охрид ситуацијата е подобра, според официјални податоци има 116 регистрирани случаи на болни од грип (податоци до 7-ми јануари). Во Охрид има околу 60.000 жители (вклучена е и Дебарца бидејќи немаат лекар) па процентот на заболени од грип е некаде 0,2.
Од нив повеќе од половина (62) се млади лица, до 19 години. Причините за тоа се послабата отпорност на организмите кај малите деца и зголемената раздвиженост на тинејџерите за време на празниците.
Во Заводот за здравствена заштита – Охрид, велат дека превентивните мерки што биле преземени во минатиот период ги дале очекуваните резултати и дека во наредниот период бројот на заболените од грип ќе опаѓа. Повторно се апелира до граѓаните да ја сфатат болеста сериозно бидејќи ако се појават компликации грипот може да предизвика трајни штетни последици.
Од Заводот не` информираа дека во акцијата за вакцинација против грип, во ноември минатата година, вакцина примиле околу 1.100 граѓани на Охрид и околината, претежно постари лица. Вакцината е прилично ефективна и „трае“ една година.
С. Костоски