Државниот инспекторат за труд  во контролата што била извршена од 24 септември до 18 октомври затекнал  2.408 лица без договори за работа. Инспекторатот донел  843 решенија за забрана за работа на работодавачот, и поднел вкупно 719 барања за поведување на прекшочна постапка.
Според Сојузот на синдикатите – ССМ, изнесените  податоци од страна на Државниот инспекторат не соодветствуваат на реалната слика. „Бројот на непријавените работници во Македонија е над 100.000“, изјави во Охрид, Драган Јовановски, раководител на Секторот за заштита на човекови права во ССМ. Според него причина за работењето на црно е Законот за работни односи, бидејќи новите измени во него не го решават овој проблем. Од тие причини ниту инспекторатот, ниту судовите не ќе можат брзо да ги решаваат пријавите, вели Јовановсски.

За Јовановски несфатливи се измените во Законот со кои се предвидува казна од 1000 евра за работникот доколку не го пријави работодавачот ако тој не му ги плаќа придонесите.

-Тоа е катастрофално решение. Не може работникот да поднесува пријави, затоа што во истиот момент тој ќе добие отказ.  Инспекторот за труд треба да има податоци за секое претпријатие во колку смени работи и со колкав број работници, а не да ги брка работодавците по улица и во дуќани, а работниците да се кријат од  нив, вели Јовановски. Ова прашање мора институционално да биде решено и тоа со Законот за работни односи, кој треба да е резултат на социјален дијалог кој сега не постои, додава Јовановски.

Г.М.