Правото на заштита на личните податоци е придобивка на демократијата и вистински показател на демократичноста на државата, беше истакнато во дискусијата на 63-та по ред Средба на правниците, што во организација на Здружението на правници на Република Македонија, од вчера се одржува во Охрид.

Според Маријана Марушиќ, одговорна  за заштита на личните податоци во „Македонски Телеком“, регистрираните случаи на неовластени откривања на лични податоци, повеќе се последица на непознавање на законската регулатива, отколку конкретни обиди за злоупотреба. Таа нагласи дека Законот за заштита на личните податоци јасно ја уредува проблематиката и бара целосно почитување на тајноста на личните податоци од страна на оние кои ги обработуваат.

– Тоа значи дека личните податоци може да се обработуваат само за конкретни јасни и со закон утврдени цели, и само во оној обем колку што е потребно да се исполни одредена цел, истакна на вчерашната расправа, Марушиќ.

На 63-та средба на правниците учествуваат околу 300 судии, адвокати, нотари, извршители, правни застапници на фирми и други експерти од областа на правото.

OhridNews