Огромни земјоделски површини во Македонија стојат необработени и тоа е еден од главните проблеми зошто земјвава се соочува со недостиг на храна која од ден на ден станува се поскапа. Идната недела според најавите на трговците не очекува нов бран поскапувања на прехрамбените производи, но според министерот за земјоделство, Ацо Спасеноски, таквиот тренд може да се одбегне.
„Имаме 100 илјади хектари необработена земја кои треба да се обработат и посадат, со што, барем за храна во Македонија не би требало да имаме проблем и со потребните количини и со поскапувањата“, смета Спасеноски. Ако се применат соодветни агротехнички мерки, ако се засадат сите површини што ги имаме Македонија треба да се мисли за извоз на храна, а не за цените на храната. Според стратегијата за храна, и мерките кои ќе се преземат, Македонија од увозник за 5 години треба да стане нето извозник на храна, рече Спасеноски.