Претседателот на Комисијата за пандемски грип, Јованка Костовска, изјави дека веќе се одржани повеќе семинари на кој матичните лекари се обучени како да се справуваат со свинскиот грип. Основната препорака за нив е прво да се заштитат себеси и да носат маска при прегледи на лица со вироза, а да им наложат и на пациентите во амбуланта да дојдат со маска. Доколку се појави заболено лице со симптоми на грип, а е хронично болен пациент или бремена жена веднаш треба да биде биде препратено на Клиниката за инфективни болести, бидејќи токму кај нив најчесто се јавуваат компликации.Доколку се работи за пациенти кои не се во ризична група, а покажуваат полесна клиничка слика, според Костовска, ќе бидат третирани во домашни услови со контакт телефон, за да може постојано да се следи нивната состојба. Тие лица треба да останат во домашна изолација најмалку една недела.
Во сите основни и средни училишта деновиве се спроведува интензивен инспекциски надзор за да се утврди дали правилно се спроведуваат санитарно-хигиенските и против-епидемиските мерки за заштита од новиот грип од типот А (Х1Н1).При увидот извршен во 62 основни и 15 средни училишта констатирано е дека превентивните мерки генерално се спроведуваат, вклучувајќи ги и градинките, со исклучок на одредени училишта, изјави Вера Менкова, инспектор во Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Таа истакна дека во овој момент нема потреба да биде прекинат наставниот процес во некое училиште бидејќи досега нема информации за заболени деца.