Во Македонија според статистиката 1 од 10 возрасни или околу 200 000 граѓани имаат некоја форма на бубрежно заболување. Во краен стадиум на болеста (стадиум 5) кога е неопходно да се лекуваат со дијализа има околу 1600 пациенти, во 23 центри за дијализа. Дијализата е најчесто застапен метод во нашата земја за третирање на крајниот стадиум на бубрежната болест кога двата бубрега повеќе не можат да ги извршуваат функциите кои се од витално значење за организмот, велат од Здружението „Нефрон“ по повод одбележување на Светскиот ден на бубрегот под слоганот „Да ги сплотиме знaењата за подобра нега на бубрежно болните лица!’’.

Дијализниот третман е тежок и исцрпувачки за пациентите, а термините за дијализа се утврдени, чести, траат долго и не смеат да се пропуштаат. Секој втор ден пациентот на дијализа „купува“ време од својот живот, дијализирајќи се 4 -5 часа за да живее во следните 48 часа. Најоптимален метод на лекување на бубрежната болест е трансплантацијата на бубрег.

Трансплантацијата во нашата земја, велат, бележи напредок во последните неколку години благодарение на хуманоста на народот, стручноста и посветеноста на медицинскиот персонал. Кога органодарителството би било повеќе развиено и би се вршеле повеќе трансплантации, повеќе луѓе би можеле да се спасат од дијализа и достоинствено и поквалитетно да живеат со бубрежната болест. Трансплантираниот пациент е рахабилитиран, може да им се врати на своите животни обврски, да придонесува за семејството и општеството, не е “врзан за апарат’’ и може да патува…, ддоаваат од Здружението.

Во РС Македонија и во светот болеста е застапена повеќе кај возрасната популација и машкиот пол. За разлика од тоа жените се побројни донори на органи. Најмладиот пациент на дијализа има само 2,5 години и е на домашна дијализа, а најмладиот пациент на хронична дијализа кој се дијализира во центар има 13 години. Најстарата пациентка има 90 години. Со современите дијализни третмани векот на преживување на дијализните пациенти е продолжен, пациентот со најдолг дијализен стаж во нашата земја е со 43 годишен стаж, велат од здружението.

На наше задоволство, додаваат, континуирано се зголемува бројот на трансплантации, а поготово од кадаверични трансплантации.

Вкупно 42 трансплантации на бубрези се извршени во текот на минатите 2 години за време на пандемијата, од кои 20 од починат донор. Најголем дел од трансплантираните пациенти се на возраст до 40 години.

Како здружение на граѓани со долгогодишно искуство апелираат дека само со сплотени знаења може да се постигне подобра нега на бубрежно болните лица и потенцираат дека секој пациент треба да има еднаков пристап до превенција, третман и еднакви услови за лекување на бубрежните болести.

OhridNews