Има напредок во реализацијата на автопатот од Кичево до Охрид, секојдневно се работи и очекувам првата половина од автопатот од селото Арбиново до Охрид, со исклучок на мал дел кај село Ботун, да биде пуштена во употреба до мај следната година, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Посочи дека до крајот на 2026 година, како што беше ветено во кампањата, ќе биде целосно пуштен во употреба овој автопат.
Пред нецел месец во интервју за неделникот „Фокус“, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски нагласи дека постојат бројни проблеми за изградба на автопатот, бидејќи се работи за земјиште што не одговара со класичните геолошки стандарди за изградба на автопат. Нагласи и дека се направени многу грешки во проектирањето, но и во изведбата. Сепак вети дека до крајот на 2026 година граѓаните ќе возат по новиот автопат Кичево – Охрид.
Автопатската делница Кичево-Охрид на Коридорот 8 почна да се гради во февруари 2014 година. Вредноста на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколку анекси на Договорот и продолжувања на роковите достигна 598 милиони евра. Со законски дополнувања во април годинава се овозможи да се склучи шестиот анекс на Договорот со кој се пролонгираше рокот на изградбата до крајот на 2026 година.
OhridNews