Влaдејачкото мнозинство подготвува измени на Законот за заштита од пушењето, со кои се предвидува во периодот од први март до 31-ви октомври пушењето цигари да биде дозволено на терасите и летните бавчи на угостителските објекти, отворените дискотеки, плажите, како и на спортските натпревари и јавните собори кои се одржуваат на отворен простор.

Предлогот го подготвува пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, по бројните реакции на угостителите. Предлагачите на измените појаснуваат дека во затворено и натаму нема да може да се пуши, додека на отворено ќе може. На тој начин според нив, ќе има добар баланс помеѓу заштитата на здравјето на непушачите, и потребите на пушачите.

Во меѓувреме голем број  угостители најавија дека во петок 24 часа ќе ги затворат објектите во знак на протест против новиот закон за заштита од пушење, кој забранува пушење цигари на јавни места.

Охридскиот угостителски еснаф иако најави, се уште јавно се нема изјаснето дали ќе се приклучи на протестот што го организира Туристичко – угостителската комора. Одрдени сопственици на угостителски објекти во градот со кои контактиравме изразија подготвеност да ги затворат своите објекти во знак на протест против за законот за пушење.

Ohridnews