Голем пожар кој за среќа беше навреме ставен под контрола и не предизвика поголема штета, ги зафати полињата крај охридското село Лакочереј. Дека нешто гори можеше да се види и од центарот на градот бидејќи црн чад се издигаше високо, а парчиња од изгорени лисја паѓаа дури до градот. По дојава на граѓани, противпожарната екипа од Охрид брзо стигнала до местото (зборуваме за широк простор околу хектар ипол) и за околу 2 часа го изгаси пожарот во потполност.

Според сведоци и според пожарникарите, пожарот е најверојатно намерно предизвикан, но ненамерно – излегол од контрола. Некој од сопствениците на ниви веројатно за да го исчисти полето од трска и жбун запалил оган, но силниот ветар „помогнат“ од сувото тло го проширил пожарот брзо и широко.


Ацо Атанасов,
командир на ТППЕ Охрид

Штетата во материјална смисла е минимална, скоро никаква бидејќи е изгорена трска и стрниште. Не би сакал да алудирам дека е подметнат пожар, намерно. Симптоматично е тоа што дојава за пожарот имавме од градот, кој е 2-3 километри оддалечен, а не од мештаните што се во непосредна близина – изјави за Ohridnews Ацо Атанасов, командир на Професионалната противпожарна екипа – Охрид.

На пожарникарите во некои моменти не им беше лесно бидејќи огнот се приближи до првите куќи, а една од бандерите беше зафатена од пламен, но со брза реакција стихијата стивна.



Богоја Миленкоски од Ловното друштво „Охрид“ кој и самиот учествуваше во гаснењето, рече дека е можно да е направена штета на животниот простор на птиците-фазани кои ловното друштво ги пушти слободно да се движат на тој простор. Друга штета не е направена, но било прашање на минути навреме да се изгасне пожарот за да не се „зафатат“ и блиските имоти (во што и вашиот новинар самиот се увери).

Пожарникарите работеа ефикасно, па го совладаа пожарот релативно брзо. Овојпат среќно се заврши, но нека биде опомена за граѓаните да не палат оган на отворено, да не фрлаат догорчиња од цигари и да внимаваат повеќе – порачуваат од Противпожарната единица.

С. Костоски, Г. Момироски