Голем број  охриѓани  присуствуваа на одбележувањето на празникот посветен на светите маченички Љубов, Вера, Надеж и нивната мајка Софија, во населбата Лагадин. Во малата црквичка посветена на светите маченички имаше традиционална богослужба  по што се одржа заедничка прослава на имендените на многу охридски Вери, Љуби,Нади и Софии.


голем број охриѓани присуствуваа на богослужбата во Лагадин

Црквата е стара седум години, ја изградивме по повод 2000 години од Христијанството и секоја година на овој ден се повеќе луѓе ја посетуваат,  раскажува познатиот охридски угостител, Љупчо Патче, кој ја подигна црквичката во Лагадин.

„Овде во Лагадин црква немавме, а има околу 70-на куќи. Порано баравме да ни се дозволи да изградиме мала црквичка но во времето на едноумието не ни даваа, па ја направивме во 2000 година“, вели Патче. Изградбата не е поврзана со некаков сон или слично туку ја изградив сосема свесен, додаде Патче.


свеќа за здравје

Секоја година на овој ден доаѓаат се повеќе луѓе и верата како да заживува во последните години, но би било добро и свештениците што доаѓаат тука со народот повеќе да разговараат и на теми кои се актуелни денеска со што мислам поучно ќе се влијае на младите, вели Патче.

Со парите што верниците преку цела година ги оставаат во црквичката во Лагадин  купувам призводи што им се потребни на болни и изнемоштени лица. Досега на повеќе одделенија во охридските болници имам дадено повеќе од 350 ќебиња, на одделението за Геријатрија му подаривме телевизор и чаршафи, а со дел од средствата се организира одбележувањето на празникот, ни рече Патче.


Празникот одбележан на традиционален начин

Овој ден не е само празник, туку  луѓето и контактираат меѓу себе, бидејќи со денешниот начин на живот тие многу малку се гледаат. „Така ова му доаѓа и како видување, зошто како што вели народот едно видување, еден живот“, рече Патче.

Горан Момироски