Неодамна во атарот на село Куратица локалните жители пронашле чудна направа која многу личи на радио локатор. Случката ни ја раскажува Горан Ангелоски од с. Лескоец кому пронаоѓачите на направата веднаш му се јавиле бидејќи се разбирал од техника. Ја зел дома. Со малку сурфање по интернет дознал дека тоа е метеоролошки апарат за мерење брзина на ветер, температура на воздух, притисок итн.
Апаратот функционира на големи височини (околу 30 км) а до таму стигнува со балон. Со оглед дека во изминатите години посебно за време на НАТО кампањата врз СР Југославија, приличен број „небјасниви“ работи се случуваа (нпр. испуштање непознат товар од хеликоптер во езерото и слично) решивме малку да испитаме за што се работи.
Малку истражувавме, па се јавивме во Управата за хидрометеоролошки работи од каде не` информираат дека ваквите сонди за испитување т.е. дијагноза на состојбата на делови од атмосферата Управата редовно користи, фирмата која ја произведува сондата (Vaisala од Финска) е нивен редовен снабдувач и нема ништо спорно, ниту има некоја воена или субверзивна примена. Едноставно апарат за емитување метео податоци.
Од Управата велат дека ваквите сонди не се опасни по здравјето (не зрачат штетно) и секој кој ќе пронајде нешто слично добро е да го однесе до локалната метеоролошка станица.
С.Костоски
Г. Момироски