Вечерва во Галеријата на куќата на Робевци ќе биде отворена изложба на накит на младата дизајнерка Елисавета Мартинова, насловена „ Летна сензација“. Охриѓанката Елисавета Мартинова ќе презентира неколку колекции на летен накит, целосна рачна изработка.
– Ќе презентирам дел од многубројните парчиња накит кои ги имам изработено, а за во иднина се надевам дека ќе има и многу други изложби. Мојата изложба „Летна сензација“, се надевам дека ќе го оправда името, да предизвика воодушевување кај посетителите, да ги освои на прв поглед и да им се понуди накит кој плени. Ќе можат да се најдат парчиња накит за секоја жена, но и оние кои им подаруваат накит на своите најблиски, ќе можат да си одберат нешто, вели Мартинова.
Мартинова повеќе години се занимава со изработка на накит, а го основаше и нејзиниот бренд Martinelli. На изложбата во Галеријата на Робевци ќе се претстави со нова колекција на изработен накит.
– Бистри капки, кои подготвени ја чекаат игривоста да се спои со талетот, големата љубов и трпение, кои се потребни за да се креира накитот на Мартинова. И не само обична креација. Прво ќе ве обземе светлина, потоа ќе ги почувствувате боите, па ќе се стопите од среќа, кога ќе ги почувствувате деталите. Како што Ели гледајќи се како мало дете, со нејзините први дизајнирани парчиња накит и приказните за секое камче – своја приказна, ги освојувала познавачите на естетската вредност некогаш, така сега пред нас се наоѓа накит, кој е богатство од чувства, нежност, но и гламур и сензационалност, вели во дел од рецензијата на изложбата промоторот Маја Мојсова.
Изложбата која ќе се отвори во 20 часот ќе биде од продажен карактер.
OhridNews