Во акција на инспекторите за борба против дрога од Охрид и Струга што била спроведена вчера утрото во селото Заграчани –струшко, во куќата на лицето А.А. биле пронајдени 10 килограми чиста високо квалитетна  дрога „марихуана“.


При претресот полицијата пронашла и три автоматски пушки со калибар 7,62мм, еден револвер „магнум“ со калибар 22 мм и околу 600 куршуми со различен калибар, информираше портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. Лицето А.А. е приведено и со две кривични  пријави е предадено на основното јавно обвинителство во Струга, додаде Димоски.


Ова е втора успешна акција на охридската и струшката полиција, отако пред неколку дена  на патот Ќафасан-Охрид кај с.Милсешево во автомобил беа пронајдени 4 килограми марихуана наменета за пазарото во Скопје. Полицискиот портпарол, Димоски, информираше дека деновиве е лишено од слобода и лицето кое побегна во акцијата кај Мислешево.


Акциите на полицијата се резултат на претходно добиени оперативни сознанија, изјави портпаролот Димоски. Тој посочи дека полицијата работи на откривање на евентуалната поврзаност на двата случаи, односно на тоа дали целосно е пресечен  меѓународниот шверцерски канал кој се одвиваше преку граничниот премин Ќафасан.


Охридската полиција се пофали со нов успех

Ohridnews