Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и прекурсори“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 27- годишно лице од струшкото село Велешта.

– На втори мај годинава, при претрес во неговиот дом, криминалистичката полиција пронајде и одзеде неколку помали најлонски паковки со опојна дрога кокаин, семенски материјал од растението „Канабис сатива“ како и неколку куршуми од различен калибар. Во спална соба на првиот спрат од семејната куќа, пронајдена е  една најлонска паковка со наркотична дрога кокаин и еден куршум калибар 6,35 милиметри од југословенско потекло, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Дополнително, во висечките елементи во кујната, пронајдена е втората најлонска паковка наркотична дрога кокаин но и еден куршум калибар 9 милиметри од чехословачко производство забележан е во помошна просторија на приземјето. Во стара куќа, над микробранова печка пронајдена една хартиена кутија со семенски материјал од растението „ Канабис сатива“.Најлонска паковка со помала доза наркотична дрога кокаин, полициските инспектори пронашле и во патничко моторно возило „Даихатсу“ со скопски регистарски таблици  паркирано  во дворот од куќата. При претресот, во возило марка „Ауди 80“ без регистарски  таблички оставено на плац за половни возила, забележани се два куршуми, калибар 7,62 милиметри од кинеско и еден куршум калибар 7,65 милиметри од чехословачко производство.

Пронајдените предмети се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

Пријавениот е познат сторител на слични кривични дела против кого и досега биле поднесувани соодветни пријави.

OhridNews