Помен на четириесетте дена од загинувањето на македонската поп ѕвезда Тоше Проески се одржа денеска во Кушево. На поменот освен блиските роднини и пријатели присуствува негови колеги од нашата држава и надвор од неа, балкански медиуми, негови обожаватели, а пред вечниот дом на Тоше се поклона и владина делегација.
На 40-дневниот помен за Тоше дојдоа неговите најблиски…
Молитва за упоконеие на душата Тоше одржа поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, кој чиноначалствувааше со свечената литургија во црквата „Пресвета Богородица“ во Крушево.„Дојдовме на местото на солзите и на воздишките, во градот на поилинденската и сегашнава – тага по саканиот Тоше, рече во својата молитва поглаварот г.г. Стефан.
Во Крушево денеска реки луѓе трпеливо чекаа во ред за да стигнат до гробот на Тоше и да му одадат почит, пренесуваат агенциите.
…пред гробот на Тоше се поклонија колеги, политичари и илјадници негови обожаватели
Во овие четириесет денови од кобното октомвриско утро македонската нација, но и народите од Балканот го оплакуваа загинувањето на најголемата поп икона на овие простори. Тоше со својата музика, но уште повеќе и со своите дела, својата хуманост, верба во Бога и во вистинските вредности, остави неизбришлив траг на овие простори. Неговиот млад живот прерано згасна, но неговата ѕвезда останува да свети меѓу нас, неговата музика и неговите дела се вечни .
Тоше Проески (26) загина на 16 октомври во сообраќајна несреќа на автопат во близи на Нова Градишка – Хрватска, кога неговото возило џип „Тауарег“, управувано од другарот на Тоше, Ѓорѓи Ѓоргески, со голема брзина удри во камион. Тоше патуваше за Загреб каде требаше да гостува во телевизиско шоу и да снима спот за песна од својот последен албум „Игри без граници“.
ohridnews
фото:МИА