Во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, кој се товари за „злоупотреба на службена положба и овластување“, судење, кое, поради изминување на подолг период и промена на членови на Судечкиот совет, денеска формално започна од почеток.
Откако обвинетиот повторно се изјасни за невин, а постапката продолжи со доказна постапка во која обвинителката формално ги изведе материјалните доказите кои беа претходно изведени, а се дел од обвинителниот акт, беа испрашани и сведок и вешто лице на предлог на Обвинителството.
Сведокот Петко Димитров, управител на компанијата „Прајс Вотерхаус Куперс“ сведочеше за начинот на склучување трипартитниот договор со Владата и компаниите „Интерфајнанс“ од Хрватска и „Интерхолдинг“ ДОО Скопје.
На 5 мај 2021 година, преку и-мајл, електронски, добивме покана да доставиме понуда по проект за асистенција на Владата за приватизација на „Железницата на Република Македонија“. Имавме рок од седум дена. Во овој рок не успеавме да ги обезбедиме сите надворешни и внатрешни експерти, кои би ни биле потребни и добивме продолжување на рокот од страна на Владата и конечно, ја доставивме понудата на 31 мај 2021 година, рече сведокот.
Прашан дали таа понуда од Владата била во рамките на одредена постапка за јавни набавки или дали учествувале во таква постапка во однос на предметот на договорот кој го склучиле, тој одговори дека како компанија немале увид во тоа дали поканата е дел од процедура согласно Законот за јавни набавки.
Ние како компанија немаме увид во тоа дали поканата е дел од процедура согласно Законот за јавни набавки. Но, кога е доставена нашата понуда, ние ги имаме доставено сите документи кои би биле потребни, доколку процедурата би била согласно Законот за јавни набавки, рече тој.
На прашањето дали му е познато кој потпишал во име на Владата, тој одговори дека не се сеќава дали во моментот кога го потпишал договорот, тој бил потпишан и од Владата.
Во врска со причината за склучување на договорот, одговори дека таа била поради потребата од надворешни експерти кои, како што рече, беа обезбедени преку компанијата „Интерфајнанс“ од Хрватска.
Прашан како одело исплаќањето од страна на Владата и Генералниот секретаријат со нивната компанија, тој одговори дека тоа се извршувале согласно склучениот договор.
Согласно склучениот договор, секој месец доставуваме нацрт извештаи до Владата и Железницата Врз основ на завршената работа, сме издавале фактури на Владата. Од друга страна, согласно нашиот трипартитен договор помеѓу нашата компанија, „Интерфајнанс“ Хрватска и „Интерхолдинг“ Македонија, сме добиле фактура преку „Интерхолдинг“. Добив потврда од проектната екипа дека работата е завршена, за прва и втора етапа од нашиот договор со Владата и врз основ на тоа јас и другиот управител сме извршиле плаќање, рече тој.
Во врска со прашањето дали целиот договорен износ им бил исплатен, сведокот одговори дека, според негови сознанија, од шест фактури, една не е платена.
Одбраната на обвинетиот постави вкрстени прашања за тоа дали работата извршена од нивна страна, дадена во понудата од Владата е извршена стручно и професионално, дали паричните средства исплатени соодветствуваат со нивниот реален труд и дали цената на услугите која е дадена во понудата на Владата е пазарна цена, прашања, на кои сведокот одговори да.
Прашан дали од страна на правосудните органи не е запленета никаква имотна корист од „Прајс Вотерхаус Куперс“, тој одговори не.
Обвинетиот Мухамед Зеќири постави прашање дали лично се познаваат со сведокот, на што сведокот одговори дека не се познаваат.
На денешното рочиште вештото лице од економија Киро Костов, сведочеше за начинот, намената и износите на плаќањата опфатени во договорот.
Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.
Процесот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Катерина Коларевиќ.
Судењето продолжува на 27 април со изведување на докази од страна на одбраната.
OhridNews