Научна трибина на тема: „ Македонија – Како понатаму?“ се одржа синоќа во Куќата на Уранија како дел од активностите на научно-уметничката посета на МАНУ во Охрид. Академиците Владо Камбовски и Блаже Ристовски ги елаборираа своите ставови за актуелната политичка криза, осврнувајќи се на научниот придонес за излез од кризата, за која беа едногласни дека е можно да се продлабочи, доколку не се интервенира благовремено и ефектно.
– Потребно е целосно демонтирање на системот за да стапи во сила владееењето на правото. Ние денес се соочуваме со целосно изедначување на државата со партијата, идеолошки функции на државата, системска корупција, империјален карактер на партиите, флагрантно кршење на законите кои се добри на хартија, но ако не ги применуваме, исто како да не постојат. Оваа криза има најсериозни димензии од осамостојувањето до степен да го загрози постоењето на државата. Токму затоа бара максимално сериозен пристап и ангажирање на Академијата, научни анализи, интерпретации, модели, трибини, дебати, прогнози и здружени напори од сите инстанци за минимизирање на последиците, дециден е Камбовски.
Според академик Камбовски за надминување на пост- транзицискиот период и постигнување зрелост на државата потребна е департизација која како што нагласи, е особено актуелна во моментов и во фокусот на внимание на јавноста, владеење на правото, реформа на политичкиот систем ( изборниот систем е веќе на дневен ред на политичките партии). Неопходна е независност на судскиот, правниот, економскиот и медиумскиот систем, проширување на ингеренциите на Претседателот, редефинирање на улогата на Судскиот совет, проширување и почитување на надлежностите на Уставниот совет, формирање фискален совет кој ќе одредува колку смее да се задолжува државата и кој ќе биде составен од финансиски експерти одговорни за креирање на буџетот и транспарентно трошење. Тој потенцираше дека договорот од Пржино потпишан на 2 јуни годинава сепак е еден исчекор кон решавање на кризата и охрабрувачки фактор, но потребно е и негова имплементација до крај од засегнатите страни. Доколку не се почитува, нагласи Камбовски, може да се очекуваат социјални турбуленции, граѓанска непослушност, револт, бунтовност и решавање на проблемите на улица, што секако не е она што си го посакуваме како нација.
Академик Блаже Ристовски во својот реферат се осврна на меѓународните односи на Македонија, нејзините стратешки партнери и улогата на дипломатијата во сите политички прашања и круцијални политички одлуки.
– Дали Македонија денес навистина е самостојна, независна и суверена како што е дефинирана во член 1 од Уставот? Дали е оаза на мирот, асномска, илинденска Македонија или е можеби протекторат? Македонската наука денес е маргиналзирана, со многу малку издвоени средства од буџетот што е жална слика за земја која може да се пофали со толку многу великани кои се бореле за државното име, за јазикот, за нашата самостојност, национален идентитет и кои постигнале толкав историски, културен и научен прогрес, подвлече Ристовски.
Ристовски додаде дека иако соседите се обидуваат да го негираат нашиот национален идентитет, јазик, Црква, нација, сепак фактите говорат дека прв писмен словенски јазик е токму македонскиот и колку и да се шират пропагандни учења, заговори и теории, историјата зборува најгласно.
– Мисирков и Конески придонесоа многу во проучувањето на историјатот на македонскиот јазик и треба и ние да го следиме нивниот пример, особено затоа што се уште сме соочени со непризнавање на одреден клучен сегмент за нашето постоење и сведоци сме на деградација на националното ткиво, како и вето за нашите евроатлантски интеграции и влез во ЕУ, порача Ристовски.
Академиците Камбовски и Ристовски се оптимисти дека априлските избори ќе донесат позитивни придвижувања и во нив гледаат можност за стабилизација на Македонија.
Професорот Јове Кекеновски кој ја проследи дебатата го искажа својот став за актуелната состојба во земјава од своја перспектива.
– Сметам дека ваквите дебати треба да се организираат што помасовно, многу почесто и во крајна линија да придонесат за освестување на македонските граѓани и менување на менталитетот кој беше создаван цели 25 години транзиција, рече Кекеновски.
Присутните кои се вклучија во дебатата им порачаа на академиците да ги изнесуваат почесто своите ставови по сите прашања и да имаат проактивна улога во медиумите, како релеватна научна институција и важен чинител во општествените промени.
Претседателот на МАНУ, Камбовски најави подготовка на Документ кој ќе содржи визија за Македонија во следните декади, по повод 50 годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите . Тој документ ќе биде сумаризација на заклучоците од серијата научни трибини и дебати во организација на МАНУ и други научни и високобразовни институции од земјава и странство.
Ивана Чичоска