Отворањето во просек на 14 нови кино сали секој ден во изминатава година во Кина, резултирало со експлозија на приходите остварени на кино благајните на кои бил забележан пораст од продажбата на билетите за 27 проценти. Со приходите од влезниците, кои достигнале 2,6 милијарди евра, Кина го потврдува второто место на светот зад САД, истакнал дневникот Чајна Дејли цитирајќи ја државната управа за радио, кино и телевизија.

Tој развој се препишува првенствено на појавата на голем број нови кино сали во втората светска економија. Спротивно од 2012 година, националните продукции оствариле поголем дел од приходот, 57,8 проценти, со оглед на тоа што Кина ја штити својата филмска индустрија драконски ограничувајќи го бројот на странски филмови за прикажување на својата територија. Седмата уметност е во полн ек во Кина и тој развој го поддржува брзиот раст на средната класа која сака за викенди да излегува во мултиплексите во новите трговски центри.