Жива желка со две глави и шест нозе била изложена во природонаучниот музеј во Киев, каде посетителите ќе можат да ја видат наредните два месеци. Желката, стара пет години, има оклоп во форма на срце, широк десет сантиметри. Организаторот на изложбата, зоологот Јури Јурављов, рекол дека всушност станува збор за желки сијамски близнаци, кои делат некои внатрешни органи. Желката имала две глави, две срца, четири предни и две задни нозе како и една утроба.


Двете глави имале различен карактер и секоја влечела на своја страна. Исто така секоја од нив сакала различна храна. Едната повеќе сакала зелено овошје, додека другата зеленчук со топли бои како моркови и пиперки. Овој вид желки потекнуваат од степите во централна Азија и можат да живеат до 50, а некои примероци и до 60 години.