Последната борба со бикови во Каталонија, традиционално наречена корида, се одржа синоќ во Барселона пред распродадена арена. Откако 180 илјади лица ја потпишале петицијата со која бараат забрана за борбите со бикови, и покрај фактот што тоа е дел од шпанската историја, пред една година било одлучено коридата да се забрани со закон. Петицијата била покрената на иницијатива на борците за правата на животните кои тврдат дека коридата е варварска традиција, но поддржувачите на борбите со бикови тврдат дека ќе бараат поништување на забраната пред врховниот суд.
Забраната стапува на сила на 1 јануари 2012 година. Пред многубројната публика се појавиле најдобрите и најславни матадори, а меѓу нив бил и легендарниот Хозе Томас. Коридата е легална во сите делови на Шпнаија освен на Канарските Острови, па наскоро и во Каталонија. Борците за правата на животните се надеваат дека ќе успеат да се изборат за забрана на коридата во целата земја, иако тоа нема да биде ни малку лесно, бидејќи коридата во некои региони и понатаму е многу популарна.