Универзитетот за информатичка технологија кој со работа ќе почне оваа есен ќе биде сместен на просторот на охридската касарна „Генерал Михајло Апостолски“ која државата и ја отстапи на локалната самоуправа. Ова денеска го најавија министерот за одбрана Зоран Коњановски и градоначалникот на Охрид, Алексадар Петрески, при заедничката посета на охридската касарна.


На атрактивниот простор кој се протега на површина од околу 20 хектари  ќе биде изграден модерен универзитетски кампус, а мал дел ќе задржи армијата за свои потреби.

– Покрај тоа што Охрид е нашиот најголем духовен и културен центар, Владата размислува дека градот треба да прераснува и во научен, универзитетски центар. Оттаму и решението тука да се отвори Информатичкиот универзитет. Мислам дека овој простор на касарната ќе биде одличен тука да никне универзитетски кампус, за што постои согласност и кај локалната власт, истакна Коњановски.


Локалната самоуправа треба да изготви Детален урбанистички план за просторот кај касарната, по што треба да уследи реализација на идејата со која се согласуваат и Владата и општината.

Лично задоволство изрази и градоначалникот на Охрид Александар Петрески.
 
– Грешка би било овој простор да биде наменет за било што освен за образование. Убеден сум дека овој простор ќе прерасне во регионален образовен центар, каде ќе студираат ученици и од соседните држави и пошироко, истакна Петрески.


Со земјиштето во иднина ќе стопанисува Министерството за транспорт и врски преку кое ќе се одвива целокупната постапка за продажба на имотот, додека општините ќе можат да го планираат просторот. Отстапувањето на касарните на општините се реализара согласно проектот на Министерството за одбрана „Старите касарни за нов развој – Владата за граѓаните.

Ohridnews