Во измените на програмите и ребалансот на буџетот за кои денес советниците расправаа и ги усвоија на одржаната четириесет и осма седница на Совет вметнати и проектите одобрени од Владата. На седницата имаше бурна расправа во поглед на реализацијата на капиталните проекти, нивното постојано одложување, посочено колку од проектите се реализираат, но и побарани информации за средствата кои ги добива Општината од Владата за реализација на десетте проекти.
Советничката Живка Ангелоска истакна дека и овој ребаланс на буџетот наликува на сите останати буџети кои беа носени изминатите три години, а секоја капитална инвестиција наоѓа место во развојните програми.
Големите проекти кои беа ветени пред граѓаните наоѓаат место во развојната програма, а кога ќе се приближи периодот за нивна реализација со ребаланси се одлагаа за наредната година. Сега за сега ни еден од големите проекти, ветени пред граѓаните на локалните избори не се реализирани, а голем дел не се ни отпочнати. Поминаа три години и се надевам и посакувам во наредната година, како што кажа и градоначалникот да ги реализирате тие големи проекти, а со оглед на краткиот период барем да ги отпочнете. Како да стана навика за одредени манифестации, активности, откако ќе бидат реализирани потоа да се бара зголемување на средствата во случајот се работи за Фестивалот на водени спортови. Ако некој самиот си ги проектирал средствата и навел дека ќе се движи во таа рамка, не е во ред ние да правиме ребаланси и менуваме средства, рече Ангелоска.
Го посочи и износот од 3,5 милиони денари во програмите за јавна чистота и паркови и зеленило каде било објаснето дека се за неисплатени фактури од минатата година и праша дали станува збор за извршни средства.
Тони Иваноски, раководител на Секторот за комунални дејности, рече дека со доаѓањето на градоначалникот Кирил Пецаков е направен книговодствен пресек на долговите кон сите јавни претпријатија.
Долгот кон ЈП „Охридски Комуналец“ беше околу 31 милион денари. Сумата од 3,5 милиони денари се повторува секоја година, но стратегија на општината е тој долг да се сервисира долгорочно во наредните 8 години.
Ребалансот на буџетот произлегува од повеќе работи, прво беше од извршните решенија кои ги имаше Општината, потоа разни културни и спортски манифестации или реконструкции на улици, асфалтирања и многу други вакви слични работи, посочи советникот Ванчо Костоски.
Сега имавме измени и дополнување на програми, а со тоа и во буџетот во најголем дел покрај спортот, култура се и измените и дополнувањата на програмите каде ќе влегуваат проектите кои Владата ги додели на општините и тие се составен дел на овие измени, затоа што општините сакаат да влезат како измени и да може да се распишат тендери пред 31.12.2024 година. Од информациите, кои ги имаше кажано Министерката за финансии и низ медиумите, провејува тоа дека овие средства нема да се доделат дирекно на управување на Општината, туку на посебно сметка на државата кои ќе ги исплаќа фактурите кои ќе бидат доставени после добиените тендери. Од тоа што можеше да се слушне дека ќе има аванс од 20% плаќање за овие проекти.
Иваноски појасни дека средствата ќе се исплаќаат од сметката од буџетот на Општина Охрид трансферирани од посебни наменски сметки кои ќе се отворат во Трезорот на РМ.
Контролата на средставата е исклучиво на Општината, меѓутоа постои можност за увид и на Министерството за локална самоуправа. Авансот од 20% е согласно Законот за јавни набавки со цел да се обезбеди дополнителна конкуренција за фирмите кои се на работ на ликвидност да можат да учествуваат одлука е на менаџментот на Општина Охрид по препораки на Министерството за локална да се доделат 20% авансно покриени со банкова гаранција како заштита на Општината, потенцираше.
Јоне Станкоски, помошник раководител на Секторот за јавни дејности при Општина Охрид, посочи дека Фестивалот добива поддршка од Општина Охрид, но генерално најголемите финансики средства ги добива од приватниот сектор.
Покрај тоа што голем дел од трошоците ги покрива Фестивалот за одржување на спортските манифестации на сите овие спортски клубови на крајот од Фестивалот доделува дополнителни финансиски средства на клубовите како една поддршка која во наредниот период би им служеле за нивен развој. Со оглед на зголем обем на работи и трошоци Фестивалот не беше во можност да ги додели со буџетот кој претходно беше планиран и затоа се бараат овие средства за Фестивалот да трансферира дополнителни средства кај спортовите на вода. Овие 350 илјади денари се наменети за сите овие спортски клубови, додаде Станкоски.
Иваноски воедно на седницата посочи и дека Охрид како град во последниве 10 години се соочува со крајно дотрена водоводна и канализациона мрежа и значителни средства од јавните претпријатрија и општината се трошат за санирање на истите.
Иако трошокот за овие два елемети на Општината е висок не заостанаа крупните проекти. Меѓу нив во 2024 година во тек е извадба и во завршна фаза канализација во Горно и Долно Лакочереј со можност за приклучување на Орман кој ќе има вредност од 1 милион евра и ќе биде користен од 4 илјади жители. Деновиве и улицата „Гоце Делчев“ финансирана со поголем дел на средства преку ТАВ преку Владата е при крај и очекуваме утре или задутре да биде завршена. Вредноста на објектот на заедничките вложени средства е 1 милион евра. Третиот објект со 1 милион евра е улицата „7-ми Ноевмри“. Не затајуваат туку се реализираат крупните проекти. Велосипедската патека е во фаза на изведба и очекувам дека пред летната сезона ќе имаме и велосипедска патека.
Потенцираше дека склучен е договор за авторско дело за проектот кој веќе постои за Свињишки извори со цел доработка на истиот и очекувањата се дека истиот ќе биде готов до средината на април по што ќе се аплицира до соодветни инстуции за одобрување на средства. Посочи дека при крај се активностите и за училиштето во Црногорци, а во тек е и изградбата на спортска сала во основното училуште во Лескоец.
Во програмите кои ги застапувам се проектите за изградба на плоштад „Чинар“, изградба на улица „Гоце Делчев“, катната гаража… За жал, иако доставени се проекти до стручните служби до ден денес немаме одобренија за градби. Очекувам дека во наредниот период ќе добиеме одобренија за градба и со следниот грант на Владата да обезбедиме средства за нивна реализација. Тоа што е ставено на хартија очекувам дека ќе биде реализирано. Постојат и предуслови пред се добивање на соодветна документација и обезбедување на дополнителни финансиски средства. Иако имавме зголемување на буџетот над 10% и токму денешниот ребаланс е предизвикан од таквото зголемување, сепак средствата расположливи не се доволни за реализација на сите проекти, додаде Иваноски.
Н.С.Ј.