На улиците на италијанските градови наскоро ќе бидат поставени автомати кои за неколку евра и неколку минути ќе испорачуваат свежо испечени специјалитети.
За љубителите на вистинските пици овие автомати претставуваат уништувачи на светото, но нивните промотери тврдат дека во екот на економската криза тие се и повеќе од добредојдени.
Користејќи инфрацрвени зраци и технологија која ја развија истражувачите од универзитетот во Болоња, автоматите сами прават и месат тесто, потоа го развлекуваат и мачкаат со кечап, ги ставаат потрбните состојки и на крајот печат. Целиот овој процес трае само три минути.
Нивните изумители велат дека тие претставуваат на некој начин минипицерија и дека целиот процес на приготвувње може да се прати низ стаклото на машината, што децата едноставно го обожавале.
Засега во понудата се четири видови пици по цена од четири евра. Изумителите велат дека овие апарати посебно ќе им се допаднат на европејците кои во ова време на криза гледаат да заштедат секаде каде што можат. Тие истакнуваат дека нивната предност е во тоа што се евтини, вкусот е задоволувачки и се достапни 24 часа.
За некои пак, италијанската пица настаната во 18-от век во Неапол, не трпи брза и автоматска подготовка. Тие истакнуваат дека правењето пици спаѓа во редот на уметнички вештини кои бараат стрпливост и посебно внимание.