Двете политички партии денеска изнесоа идентични обвинувања дека на ГРК Охрид, кој со години успешно се натпреварува во најсилната македонска лига, му биле префрлени 15 милиони денари од општинскиот буџет.

СДСМ и Левица уште обвинија дека охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, кој е од редовите на ВМРО ДПМНЕ, доделил пари на клуб кој тој го основал. Тие го повикаа надлежното Јавно обвинителство да ги истражи изнесените наводи и да утврди дали има законски прекршувања.

Овие суми ги потврдува и Службениот гласник на општина Охрид број 14 од 28.12.2023 година.

Сопственик на ГРК Охрид АД Охрид е РК Охрид 2013 каде основач на ракометниот клуб е токму градоначалникот Кирил Пецаков.

Значи Пецаков преку општината индиректно си префрла пари на самиот себе си!? – истакна на прес конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Реагираше Пецаков на неговиот личен профил на Фејсбук. Посочи дека го основал клубот во 2011г. и оти бил капитен на клубот се до 2016 г., појаснувајќи го статусот на ГРК Охрид и начинот на финансирање и работа на клубот кој во континуитет ја има поддршката на локалната самоуправа од основањето до денес, период во кој локалната самоуправа ја водеа градоначакници од различни политички партии, вклучително и СДСМ во три наврати.

Во 2013 со основачки влог од 25 000 € на општина Охрид се основа Акционерско Друштво РК ОХРИД 2013 , кое понатаму во 2017 година се преименува во ГРК ОХРИД и така е до ден денес. Од како е Акционерско друштво од 2013 не членувам, ниту сум бил на било која извршна или не извршна позиција во АД-то и дополнително од 2013 година па навака, главен финансиер на ГРК ОХРИД е Општина Охрид и така и ќе останит, со одлука на совет и врз основа на јавен повик на доделувања на средства на СИТЕ спортски клубови на територија на општина Охрид. – напиша Пецаков.

Тој укажува дека врз основа на доделените средства во спортот и спортските екипи, Општина Охрид е една од најпосветените општини во таа сфера и дека ќе продолжи уште попосветено да го поддржува спортот. Воедно тој ги повика институциите да проверат дали има било каква злоупотреба и најави одговорност за изнесените обвинувања.

Ги повикувам исто ко вас и јас институциите да проверат за било каква злоупотреба, не за друго за конечно после то да имат одговорност за тежината на секој даден збор и исказ, ама овај пат не отстапувам од барање одговорност за одржаните пресови и реакции. Досега се ви опростив и сите невистини. – стои во статусот на Пецаков напишан на личниит профил на Фејсбук.

OhridNews