Во Хрватска во тек е полемика за преиспитување на резултатите за претседателските избори и легалноста на победата на Колинда Грабар Китаровиќ, откако членката на изборниот штаб на Иво Јосиповиќ задолжена за правни прашања, Сандра Петровиќ Јаковина изјави дека победата на Китаровиќ е под знак прашалник и дека за ова прашање треба да се изјасни Уставниот суд.
Како што пренесува „Јутарнји лист“ на прашањето дали Јосиповиќ, односно неговиот штаб ќе поднесе барање до Уставниот суд за преиспитување на победата на Грабар Китаровиќ, Петровиќ Јаковина изјавила дека се уште не донеле одлука, но според неа би требало да се поднесе барање поради несогласноста со Законот за избор на претседател и Уставот на Хрватска.
„Ова ќе биде најважна одлука во историјата на демократијата. Ќе ги промени темелите на демокатијата во Хрватска“ изјавила Петровиќ Јаковина.
Барањето за преиспитување на резултатите на изборите , по официјалното прогласување на изборните резултати, може да поднесе претседателскиот кандидат, но и партиите кои го кандидрале на изборите. Тоа значи дека, ако Јосиповиќ не сака лично да поднесе барање, тоа може да го направат СДП и ХНС, односно било која од партиите кои ја поддржале неговата кандидатура.
Ако се суди според изјавите на премиерот Зоран Милановиќ дека победата ќе ја честита откако резултатите ќе бидат конечни, се очекува СДП да поднесе барање до Уставниот суд.
Победата на Грабар Китаровиќ се искомпликува бидејќи Државната изборна комисија во своите конечни пресметки во вториот круг не ги изброиле неважечките ливчиња.
Петровиќ Јаковина смета дека победата на Колинда е под знак прашалник бидејќи, членот 17/4 од Законот за избор на претседател на републиката не е во согласност со членот 94 од Уставот. Според тој член од Уставот на Хрватска, за победа на претседателските избори потребно е да се освои мнозинство гласови од сите избирачи кои гласале.
Портпаролот на тимот на Колинда Грабар Китаровиќ изјави дека правниците ќе го кажат своето, но според него, народот ја избрал Колинда. Шефицата на кабинетот на претседателот Јосиповиќ, Даница Јурчиќ Спасовиќ изјавила дека претседателот го признал поразот и дека и ја честитал победата на противкандидатката. Неговиот изборен штаб бил укинат по изборите и дека Сандра Петровиќ Јаковина зборува во свое име.
„Претседателот Јосиповиќ не мисли да се меша во одговорноста на ДИК и Уставниот суд“ изјавила портпаролката на Јосиповиќ.
OhridNews
Извор:„Макфакс“