Повеќе рибиокрадци се приведени во големата полициска акција што вчера била спроведена на неколку локации на брегот на Охридското Езеро. Во акцијата запленети се и повеќе мрежи, како и чамци и пенти кои биле употребувани за нелегален риболов, дознава „Ohridnews“.

Според неофицијални информации, во акцијата учествувале специјални полициски единици кои поставиле заседа за рибокрадците кои со чамци пристигнувале на брегот. Кај авто кампот „Андон Дуков“ биле приведени повеќе рибокрадци, а уловената риба како и нивните чамци и пенти биле запленети. При проверка на неколку камп куќички била пронајдена поголема количина рибарски мрежи и најразличен друг риболовен алат, кои исто така биле запленети.
 
СВР – Охрид ја потврди инфомацијата,  но најави дека поединости за акцијата ќе бидат изнесени во текот на денешниот ден.

Охридското Езеро со години е мета на рибокрадците од двете страни на границата. И покрај тоа што Македонија има прогласено потполна забрана за риболов, нелегалниот улов на загрозените, ендемски видови пастрмка и белвица не запира. Состојбата е уште позагрижувачка од другата страна на границата, бидејќи Албанија и покрај најавите сеуште нема донесено забрана за риболов на загрозените видови риби, кои преку илегални канали завршуваат на црниот пазар во земјава.

Ohridnews