Седумнаесет лица се сметаат за исчезнати, а 77 се повредени во големиот пожар на западот на Куба, што избувна вчера во складиште за нафта откако беше погодено од гром.

Седумнаесете исчезнати се пожарникари кои биле во областа најблиску до пожарот кога се случила експлозијата, соопшти кабинетот на кубанскиот претседател, кој побарал помош и совет од пријателските земји со искуство во нафтениот сектор за тоа како да се стави пожарот под контрола. Претседателот Мигел Дијаз-Канел на Твитер напиша дека гаснењето на пожарот може да потрае некое време.

Пожарот се случил откако гром удрил во еден од резервоарите за складирање нафта на периферијата на Мантазас, град со 140.000 жители, на околу сто километри источно од Хавана. По неколку часа експлодирал уште еден резервоар. Кубанската државна телевизија јави дека по втората експлозија 17 пожарникари се водат како исчезнати. Цивилите веќе биле евакуирани од областа.

Тројца од повредените се во критична состојба, тројца се во многу тешка состојба, а 12 се здобиле со тешки повреди, пишува официјалниот весник Гранма. Според Гранма, системот за заштита од гром не можел да го преземе силното електрично празнење.

Марио Сабинес Лоренцо, гувернерот на Матанцас, изјави дека околу 800 луѓе се евакуирани.
Асбел Леал, директор на Кубанската нафтена унија (КУПЕТ), рече дека во моментот на несреќата, првиот резервоар содржел околу 26.000 кубни метри домашна сурова нафта, или околу половина од нејзиниот капацитет. Во вториот резервоар имало 52.000 кубни метри мазут.

Според него, никогаш немало пожар од вакви размери на Куба. Од овој магацин се снабдува електраната Антонио Гитераш, најголемата во Куба, но нејзиното напојување не е прекинато, додава Гранма.

Пожарот се јавува во време кога островот има потешкотии во снабдувањето со електрична енергија поради зголемената потрошувачка на струја поради летните горештини.

Надлежните воведоа рестрикции за струја кои траат по 12 часа во некои делови, поради што жителите се гневни и досега организираа дваесетина протести.

OhridNews