Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај е уапсен вчера на аеродромот Басел-Мулус на истокот од Франција, врз основа на меѓународниот налог за апсење кој го издаде Србија поради воени злосторства во текот на судирите меѓу 1998 и 1999 година. Извори на агенцијата Ројтерс од правосудните органи на Франција не сакале да дадат поединости за апсењето на поранешниот косовски премиер и еден од поранешните команданти на Ослободителната армија на Косово.
Рамуш Харадинај, сега челник на опозициската Алијанса за иднината на Косово е уапсен при доаѓањето со авион од Приштина и му е даден на француското правосудство, додека се проучува барањето за негово предавање на српските власти.
Харадинај во декември 2004 година беше избран за премиер на Косово. По сто дена поднесе оставка за да одговора за воени злосторства пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија. Највисокиот косовски функционер против кој Хашкиот трибунал водеше процес, беше ослободен во 2008 година, откако му беше судено по 37 обвиненија и потоа повторно беше ослободен на апелациониот суд 2012 година.
Српските власти сакаат да му судат и издадоа меѓународен налог за апсење врз основ на кој накусо беше уапсен во јуни 2015 година кога минуваше низ Словенија.
Во текот на судирите со српските сили неговата единица „Црни орли“ го контролираше пограничниот регион со Албанија. Српските власти ја обвинуваат оваа групација дека измачувала и егзекутирала повеќе десетици српски цивили чиишто тела се најдени во близина на езерото Радоњич, во областа Дечани, во северниот дел на поранешната јужна српска покраина.
OhridNews
извор Макфакс