Првата пациентка со пресадено лице во светот, Французинката Изабел Диноар, која беше оперирана во 2005 година на 38-годишна возраст откако ѝ нанесе големи повреди нејзиниот пес, починала „од последици на друга болест“, соопшти универзитетската болница во Амјен, каде таа одеше на контроли по операцијата.

Како што пренесува „Макфакс“, Изабел Диноар починала уште на 22-ри април годинава, а веста за нејзината смрт била премолчувана поради заштита на приватноста на нејзиното семејството, се наведува во соопштението на универзитетската болница во Амјен, кое го цитира AFP.

Според пишувањето на францускиот дневен весник Le Figaro, кој прв ја открил оваа информација, телото на Изабел Диноар минатата зима „повторно го отфрлило пресаденото ткиво и таа не можела да ги мрда усните“. „Поради тешките лекови кои до крајот на животот морала да ги зима против отфрлање на туѓото ткиво, двапати заболела од рак“, додава весникот.

Таа во едно интервју за BBC во 2009 година изјави дека инцидентот со нејзиното куче било поради нејзиниот обид да се самоубие. По земањето на преголема доза апчиња за спиење, таа се разбудиле облеана во крв, а над неа бил нејзиниот пес лабрадор. Кучето кое ја принашло без свест очајнички обидувајќи се да ја разбуди ја изгризело по лицето.

Изабела Диноар во 2005 година беше првата личност на којашто беа пресадени дел од лицето, меѓу носот, устата и вилиците. Операцијата ја изведе медицински тим во кој беа професорот Жан-Мишел Дубернар,француски хирург кој во 1998 година прв во светот изведе операција на пресадување на шака, и професорот Бернар Девушел, максифацијален хирург.

Повредите на устата, носот и брадата биле толку екстремни што лекарите ја отфрлиле можноста за рутинска реконструкција на лицето. Наместо тоа, тие предложија за тоа време без преседан трансплантација на лицето.

Тоа пресадување на лицето беше овозможено благодарејќи на донорка која беше во состојба на енцефалитична мозочна смрт, со одобрение од нејзиното семејство.

Последните години, трансплантации на лице се извршени уште во некои земји, како САД, Шпанија, Турција, Кина и Полска.

OhridNews
извор: „Макфакс“