Најмалку 10.000 деца бегалци без придружба на родители или други возрасни лица исчезнале по доаѓањето во Европа, пишува во вчерашното издание британскиот весник The Guardian, повикувајќи се на Европол, полициската и разузнавачка агенција на Европската унија која се обидува да го утврди обемот на еден од најтешките аспекти на мигрантската криза, пренесува „Макфакс“.

Брајан Доналд, еден од првите луѓе на Европол, вели дека илјадници ранливи деца исчезнале откако се регистрирани во државните бироа, наведувајќи дека само во Италија исчезнале околу 5.000 деца, додека сé уште ништо не се знае за судбината на околу 1.000 деца во Шведска. Тој предупредува дека бегалците и имигрантите сега се цел на многу софистицирана паневропска „злосторничка инфраструктура“.

„Не е неразумно да се каже дека станува збор за најмалку 10.000 деца. Нема сите нив да ги експлоатираат криминалните организации, можеби некои и се проследени до членовите на поширокото семејство, но ние едноставно не знаеме каде се, што прават и со кого се“, вело Доналд.

Според податоците на организацијата Save the Children, се проценува дека минатата 2015 година во Европа влегле 26.000 малолетници без придружба. Европол, според податоците со коишто располага, верува дека од повеќето од милион луѓе кои лани влегле во Европа, 27 отсто од нив се малолетници.

„Без разлика дали се регистрирани или не, зборуваме за 270.000 деца. Не влегле сите од нив без родители, но имаме докази дека голем број од нив влегле без придружба“, додава Доналд, оценувајќи дека 10.000 всушност е скромна процена.

Во октомври властите од шведскиот пристанишен град Трлеборг обелоденија дека исчезнале околу 1.000 деца бегалци без родители кои во тој град влегле претходниот месец минатата година, а дека по нивното исчезнување се појавиле многу малку податоци.

„Малолетниците без родители кои доаѓаат од регионите зафатени од судири се далеку најранливата група, тоа се они коишто на патот до Европа ги испратиле токму нивните семејства за подоцна да дојдат по нив или станува збор за малолетници кои избегале со друг членови од семејството“, тврди Маријана Беркет од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Доналд потврдува дека Европол располага со докази кои упатуваат дека некои деца бегалци без родителска придружба завршиле како сексуално робје. „Во изминатите 18 месеци се разви криминалната инфраструктура, којашто би извлекла полза од приливот на имигрантите. Во Германија и Унгарија се отворени затвори во кои големо мнозинство уапсени завршиле поради кривични дела поврзани со мигрантската криза“, вели челникот на Европол.

Европската полициската агенција регистрирала еден многу вознемирувачки феномен во кој организираните банди кои ги криумчарат имигрантите во ЕУ потоа се претвораат во злосторнички групи за со цел за сексуално да ги искористуваат и држат во ропство, Особено, додава Доналд, загрижени се земјите од ткн балканска рута кои се соочуваат со голем број мигрантски деца кои не се во придружба на родители и бараат помош, бидејќи со тоа се соочуваат секојдневно.

Доналд апелира до јавноста да внимава и да ги држи очите ширум отворени, бидејќи повеќето од исчезнатите деца се речиси пред носот. „Тие деца се во заедницата. Доколку се злоставуваат, тоа се случува во заедницата и се видливи. Како граѓани, мораме да бидеме предупредени“, порачува Доналд.

OhridNews
Извор: „Макфакс“