Охрид пулсира во екот на летната сезона посетен од огромен број туристи. Со тоа и динамиката на работа и ангажманот на оперативните служби и механизацијата е зголемен за да се сервисираат услугите и потребите во летниов период, велат од ЈП Охридски Комуналец.

Нашите дежурни екипи со зголемен обем на активности за одржување на јавната хигиена и зеленило на многу локации во Охрид и приградските населби. Се одржува хигиената на плажите, на местата каде се одржуваат културно-уметнички манифестации, најфреквентните локации во централното градско подрачје (чаршијата, кејот, пристаништето, ул. „Македонски Просветители“, ул. „Кеј Македонија“, пешачка патека до Горица), потоа туристички населби Свети Стефан и Лагадин, истакнуваат од претпријатието.

Посочуваат дека се спроведуваат и тековни активности за одржување на јавната хигиена и зеленило во селата Велгошти, Подмоље, Горно Лакочереј, Долно Лакочереј и Лескоец, а во село Велгошти се чистело коритото од реката.

Изминатите два дена беа спроведени  и вонредни активности по обилните врнежи и краткотрајно невреме кои предизвикаа проблеми на повеќе локации. Екипите на Паркови и зеленило беа ангажирани на терен на повеќе локации со редовни и вонредни активности за чистење обраснато зеленило во село Долно Лакочереј, ул. „Булевар Туристичка“, на просторот од поранешната касарна, ул. „Кленоец“, покрај коловозите ленти на магистралниот пат до Св.Стефан, ул. „АСНОМ“, сервисирање на системите за наводнување и редовно и вонредно наводнување на зелените површини и плевење на цветни леи, додаваат од претпријатието.

OhridNews