Со зголемувањето на бројот на посетители во Охрид се зголеми и бројот на незгоди во кои мора да интервенираат стручните служби. Службата за спасување на вода деновиве со полни раце работа на Охридското Езеро.
- Од страна на спасувачите интервенирано е во 15 случаи, при што давеници се успешно извлечени од водите на езерото.Од областа на првата помош имаме повеќе од 800 интервенции, помеѓу кои имаше и доста сериозни па имаше потреба да реагира и Итната помош, вели Ристе Филипов од Служба за спасување на вода.
Спасителите на вода до сега интеревенирале и на 10 пловни објекти, во најголем дел педалини поради несовесно управување или техничка неисправност. Колку овие средства за рекреација можат да бидат опасни говори фактот што единствениот случај на давење ова лето на Охридското Езеро се случи поради невнимание на неколку млади момчиња непливачи кои изнајмиле педалина на необезбедена плажа.
- Во постојана комуникација сме со лицата кои издаваат пловни објекти и им посочуваме да ги почитуваат основните мерки за безбедност на вода. Имаме јасна слика за нивно непочитување од страна на издавачите, но и од страна на рекреативците на тие основни безбедносни мерки, додава Филипов.
Ова лето зголемен е и бројот на интервенции на планина и непристапни терени. Тое е очекувано бидејќи во пораст се сите форми на авантуристички туризам, велат од новоформираната служба за спасување на планина и непристапни терени, која деновиве од тешко пристапен терен на планината Галичица успешно извлече параглајдерист кој се повредил при пад.
Ваквите форми на туризам секогаш се проследени со зголемен ризик, како ќе расте бројот на посетители во нашиот регион и заинтересирани за ваков вид на туризам, толку повеќе ќе расте и бројот на интервенции. Искрен да бидам малку не зачуди досегашниот тек, бидејќи во само два месеца имаме три интервенции што може да се каже дека во минативе три или четири години беше годишен просек, изјави Антонио Додевски од Центар за спасување на планина и непристапни терени.
- Најчесто луѓето запаѓаат во неволја при рекреација во природа поради лоша проценка на сопствените можности, што може да биде многу опасно, вели Додевски.
- Обично кога луѓето ќе се преценат себеси, тогаш се случува ситуацијата да излезе од контрола. Јас секогаш апелирам луѓето да бидат што повеќе свесни и едуцирани и за сопствените физички, но и ментални можности затоа што многу често и покрај големата физичка подготвеност луѓето запаѓаат во неволји токму затоа што ги потценуваат своите знаења и едукација, потенцира Додевски.
Наскоро во Охрид ќе започне изградба на оперативен Центар за спасување на планина и непристапни терени, кој 24 часовно со тим обучени спасители и логистика ќе го покрива Охридскиот регион.
Г.М.