Организацијата „Репортери без граници“ годинава ја рангираше Македонија на 42. место според слободата на говорот, што е пад од шест места во однос на лани, јави Макфакс.

Ова се наведува во најновиот извештај на организацијата кој се однесува на слободата на печатот во вкупно 169 држави.Според годинашниот извештај, Македонија е во друштво на Тајван, САД, Италија и Уругвај.

Медиумите најголема слобода, според „Репортери во граници“, имаат во Исланд, Норвешка и во Естонија, кои се рангирани на првите три места на листата, на која како земји со висок степен на слобода на медиумите, стандардно се наоѓаат и останатите скандинавски земји.

Од земјите во регионот, највисоко рангирана е Словенија, која се наоѓа на 30-тото место според слободата на говорот, а најниско рангирана е Албанија, која е на 79-тото место.Поголема слобода на медиумите од земјите во регионот од Македонија, освен Словенија, имаат Грција и Босна и Херцеговина.

Пониско од Македонија рангирани се сите останати балкански земји, а особени критики има за новата членка на ЕУ, Бугарија, која е рангирана на 59-тото место. Оваа позиција Бугарија, според извештајот, ја „заслужила“ поради слабата слобода на печатот да известува за корупцијата која е особено присутна во земјата.

На ранг-листата првите 20 земји се од Европа, но не и Франција, Шпанија и Италија, кои се рангирани на 35., 36. и 44. место, што според „Репортери без граници“, се должи на лошите политички услови, односно на мафијашкото насилство.

ohridnews