Одбележан јубилејот 80 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ. Во село Црвена Вода беше посетена Спомен собата на ГШ НОВ и ПОМ и беше одржан историски час, а во село Белчишта беше промовирана обновената Спомен соба од НОБ. Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и во него е претставена платформата на македонската државност, односно Асномска Македонија, рече во обраќање пред присутните градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја. И во времето на Светиклиментовата Кутмичевица и во Илинденскиот период и во текот на НОБ. Тука се исковани најголемите придобивки од НОБ. Затоа, имаме обврска, но и аманет од нашите предци да се однесуваме одговорно кон нашата историја и нејзините придобивки. Нашата визија е да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца, да го сочуваме нејзиното богато природно, културно и историско наследство. Наследство кое не е само наше, на Општина Дебрца и Македонија, туку е и светско наследство. Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина, додаде Ногачески.

Инаку, 3 Октомври е прогласн за патронен празник на Општина Дебрца.

OhridNews