Втор круг за избор на градоначалник на локалните избори 2021 година ќе има и во Општина Дебрца. Според последните податоци од ДИК довербата кај дебрчани ќе ја бараат кандидатот од СДСМ и коалицијата Игор Крцоски и независниот кандидат Зоран Ногачески.

На 99% обработени податоци од страна на ДИК, независниот кандидат Зоран Ногачески освоил 1053 гласови или 36,96 % од вкупите гласови, кандидатот од СДСМ Игор Крцоски освоил 979 гласа или 34,36% од гласовите и кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Силјаноски 734 гласови или 25,76 %, а неважечки беа 83 гласачки ливчиња.

 

Ногачески вели дека целта која ја имал како независен кандидат за првиот круг од изборите е остварена.

Влеговме во вториот изборен круг и не само тоа,влеговме како најдобри. Борбата очекувано беше тешка и неизвесна. Навистина не е лесно да се бориш со противкандидати од две силни политички партии и да победиш. Голема благодарност до сите оние кои гласаа за мене, но и почит и кон сите кои се определија за двете други опции, напиша Ногачески.

Кандидатот од СДСМ Игор Крцоски се заблагодари на гласачите за поддршката која ја добил во првиот круг.

Ви благодариме за поддршката во првиот круг на локалните избори која е огромна, и не мотивира да продолжиме да работиме и да ја освоиме победата. Им благодариме и на оние кои не ни ја дадоа поддршката, и во овој прв круг се одлучија за друга опција. Одиме во вториот круг, посилни, обединети и полни со елан, напиша Крцоски

Правото на глас во Дебрца вчера го искористиле 2.849 гласачи од вкупно 4.350 избирачи во избирачкиот список или 65,49% на 28 избирачки места.

 

К.А.