Со пригодна свеченост, што се одржа денеска во општина Дебарца, локалната самоуправа, Сојузот на борци од општините Охрид и Дебарца и граѓани поддржувачи, претставници на армијата и на институции, ја одбележаа 70-годишнината од победата над фашизмот и Денот на Европа.

По тој повод делегациите положија цвеќе пред споменик на револуцијата, победата и слободата „КРЕМЕНАТЕЦ” –  во месноста Раштани,  Дебрца. 

Пред присутните се обратија Гоце Георгиевски, претседател на Сојузот на борци и градоначалникот на општина Дебарца Игор Трајкоски.

-Нашето поднебје, нашата славна Дебарца има навистина голем број учесници во НОВ и Револуцијата. Тие луѓе,тие партизани-нечии синови и ќерки, сопрузи,татковци и мајки се калеа во историските невремиња, борејќи се за зачувување на својата земја,на својот идентитет. Водени од револуционерниот дух на Гоце Делчев и Илинденците, овие борци не правејќи разлика по вера, нација, раса, пол, на свои плеќи ја донесоа големата победа над фашизмот. И како никогаш до тогаш се сплотија слободољубивите народи од целиот свет во Европа, најизложената на фашистичкиот гнев, а во склоп на неа и кај нас,да го победат злото кое го уништуваше човештвото.Слободата не се заслужува,не се наследува бидејќи некој постојано ја демне, туку се стекнува и се брани со борба, со свесна жртва. И нашов крај, нашата Дебарца,(Охрид,Кичево,Малесија), дадоа многу жртви, многу херои како Серафим Китаноски Август, Трајче Дојчиноски, знајни и незнајни јунаци кои и денес се патоказ кон иднината во суверена, самостојна Македонија. – рече градоначалникот Трајкоски.

За историското значење на антифашистичката војна и 9-ти Мај пред присутните говореше професор по историја Наце Иваноски коиј имаше излагање на тема: „Македонија во борбата против фашизмот“.

OhridNews