Општината има серизозна намера да изгради Дом за стари лица. Градоначалникот Петрески вели дека Охрид има потреба од еден таков објект кој ќе го користат граѓаните од целата држава. Тој информираше дека се остварени контакти со градот Цирих и европски финансиски фондови за реализација на идејата.

При неодамнешната посета на Цирих со градоначалникот на овој град  и претставници на меѓународни фондови разговаравме за изградба на дом за стари лица во што би помогнала и државата Швајцарија. Исто така преговарав и за изградба на едно училиште и спортска сала, како и за набавка на комунална опема неопходна за одржување на јавната хигиена Првична согласност е постигната и јас верувам дека од на есен ќе почнеме со реализација на овие проекти, изјави Петрески.

Со урбанистичкиот план предвидено е пензионерскиот дом да биде изграден во населбата Далјан каде што општината има сопствено земјиште. Според Петрески таа локација одговара на намената бидејќи е во градот, а сепак на страна од гужвите. “Затоа и пропадна претходната идеја домот за пензионери да биде сместен во поранешната детска болница која е и далеку од градот, а има и доста гужва таму“, рече Петрески.

Цената на чинење на целокупниот проект ќе зависи од идејното решение според кое ќе се подготви финансиската конструкција, вели Петрески, кој е оптимист дека изградбата на домот за стари лица ќе се реализира.

Потребата од изградба на ваков дом на неколку пати ја актуелизираше и здружението на пензионерите од Охрид. Во 2007 година тоа формираше иницијативен одбор за изградба на пензионерски дом, кој според организацијата град како Охрид неопходно треба да го има.

Ohridnews