Во масовното злосторство во Цетиње загинаа 12 лица, меѓу кои две деца, додека лекарите од Клиничкиот центар во Подгорица се борат за животите на четворица лица од Цетиње. Во злосторството биле убиени седум мажи, три жени и две деца, пренесува црногорскиот портал „Vijesti.me“.
Сите полициски единици, како и припадниците на специјалната полициска единица, со часови трагаа по осомничениот Ацо Мартиновиќ, кој почина неколку минути пред полноќ, откако си пукал во главата кога, како што потврди в.д. директорот на полицијата Лазар Шќепановиќ, полицијата го опколила во близина на семејната куќа во населбата Хумчи.
Тој починал на пат кон Клиничкиот центар во Подгорица.
Мартиновиќ злосторството го започнал во таверната „Велестово“, во близина на Спортскиот центар на влезот во Цетиње, каде уби четири лица, а потоа уби уште осум лица на три други локации во градот, меѓу кои три жени и две момчиња, двајца браќа од 10 и 13 години.
Владата вчера поради трагедијата во Цетиње прогласи тридневна жалост на 2, 3 и 4 јануари.
Н.С.Ј.