По повод големата трагедија во Кочани каде во пожар смртно настрадаа 59 лица, а речиси 200 се повредени, во црквата Св. Троица во населбата „Радојца Новичиќ“, во сабота, 22 март, на празничната литургија ќе се одржи и заедничка молитва за настраданите во големата несреќа.

Возљубени во Христа, во овие тешки и страдални денови, кога секој еден од нас жали за големата загуба на детски животи кои пострадаа во немилиот настан во Кочани, не може а да не упатиме заеднички молитви за покој на нашите чеда кои загинаа во големиот пожар, но и за сите наши деца кои се уште се по болничките легла.

По тој повод во нашиот свет храм во Сабота ќе се служи литургија за покој на сите пострадани во пламените стихии.

На денот кога спомнуваме за светите четириесет маченици (младенци) цврсто ќе се молиме и за нашите македонски маченици.

Сите верни кои сакаат достојно да оддадеме почит на загинатите македонски младенци и заедно да се помолиме за нив се добредојдени, велат од црквата Св. Тоица.

Утрената богослужба на празникот Младенци почнува во 07:30 часот, а литургијата во 08:30 часот.

Во петок, пак, по редовно богослужение во 17:00, ќе се чита третата статија од акатистот на Пресвета Богородица, информираат од црквата Св. Троица.