Во согласност со препораките од 146-та седница на Владата, препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство, Советот на општина Охрид на седницата што ќе се одржи овој четврток ќе расправа по Предлог одлуката за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови и оостапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти.

Во Предлог одлуката до која дојде OhridNews се наведува дека  Општина Охрид ја почитува и прифаќа реафирмацијата на определбата на Владата да се зачува статусот светско наследство на УНЕСКО на природното и културното наследство на Охридскиот регион. Во тој контекст се воведува времен прекин на спроведување и донесување урбанистички планови, урбанистичко плански документации и архитектонско – урбанистички проекти на територијата на општина Охрид. Итсо така времено се прекинуваат сите постапки кои се однесуваат на издавање одобрение за градење, одобрение за надградба и одобрение за доградба.

Сите постапки, пак, со добиено одобрение за градење можат да продолжат со реализација.

Предложената одлука не се однесува на барања за:
-извод од план
-решение за измени во тек на градба
-промена на инвеститор
-реконструкција, адаптација и пренамена
-решение за градби за кои не се издава одобрение за градење.

Оваа одлука не се однесува на барања за изградба и реконструкција на инфраструктурни објекти, се вели во предлогот кој ќе се најде пред советниците.

Предлог одлуката  не се однесува на реализација на проекти и градење на објекти и изведување на работи од јавен интерес од локално значење, односно за:
– градење на објекти и изведување на работи за потребите на општинските јавни служби во областа на образованието, воспитанието, спортот, науката, културата, здравството и социјалната заштита;
– градење на далноводи со напонско ниво до 35КВ и трафостаници со напонско ниво до 10 КВ;
– градење на трамвајски пруги;
– градење на објекти за противпожарна заштита;
– градење на локални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување;
– градење на стадиони и спортски сали со капацитет до 10 000 гледачи;
– градење на катни гаражи;
– градење на објекти за општа употреба и тоа: општински патишта, плоштади, јавни паркови, пазари, јавни паркиралишта и гробишта;
– градење на меморијални споменици и спомен обележја.

Во одлуката се предлага времен прекин на сите постапки за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на територијата на општина Охрид.

Одлука ќе се применува до донесување на Планот зa управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион или најдоцна до 01.02.2020 година.

Г.М.