Синоќа во рамки на одбележување на Денот на македонскиот јазик и азбука преку видеопроекции на скопското Кале, Собранието на РС Македонија, Самоилова тврдина во Охрид, Спомен домот „Блаже Конески“ – Небрегово, Офицерскиот дом во Битола, СОУ „Јане Сандански“ – Струмица, Црква Св. Никола, Крушево, на Спомен-коструницата во Велес беа прикажани цитати од познати македонски автори.

Цитати кои будат длабоки чувства за македонскиот идентитет, литература и култура, за нашата самобитност, гордо и моќно се испишани преку видеопроекции на повеќе објекти во државата, а се од нашите: Блаже Конески, Крсте Петков Мисирков, Григор Прличев, Константин Миладинов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Ацо Караманов, Ацо Шопов, Видое Подгорец, Лазо Каровски, Влатко Стефановски, Тоше Проески и Весна Малинова, истакнаа од Министерството за култура.

Проектот кој е во духот на слоганот на програмата за одбележување, „Пишувај на кирилица!“,  ги потенцира пораките од националната меморија, како: „Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина“, „Милоста кон родниот јазик е наш долг и наше право“, „Мајка имаме една, а таткојната је хилјади мајки“, „Тамо зората греит душата и с’нце светло зајдвит в гората“,„Кажете ѝ на мајка ми нека не жали оти сепак ние ќе победиме!“, „Кога ја љубев Дениција, како да учествував во создавањето на првата македонска држава“, „Со една надеж, за трошка љубов, за малку среќа, живееме“, како и „За овој свет, кој ни е единствен, и со детска насмевка треба да се бориме. За овој свет!“.

Мисли и стихови на повеќе генерации дејци и писатели се вклопени во една приказна преку која се создава слика за македонската историја. Проектот се одвива на  атрактивни локации, а со него дадовме нов современ приод во остварување на аманетот кој го имаме-да го чуваме, негуваме и афирмираме македонскиот стандареден јазик, зашто е тој нашиот дом, нашиотр идентитет, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Проекциите, додаваат од Министерството за култура, се завршен дел од целодневната програма на Министерството за култура кое со низа разновидни настани и панел-дебата го одбележа Денот на македонскиот јазик.

OhridNews

фото. Министерство за култура