Oхриѓани и гостите ќе имаат можност да уживаат во звуците на чалгиските песни на најпознатиот трубадур и чалгаџија на сите времиња, Климе Садило. Во негова чест, Здружението за култура и уметност „АртВивенди“ од Охрид го организира настанот „Чалгиските звуци– во чест на Климе Садило“ кој ќе се одржи утре со почеток во 20:00 часот, пред НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид.

Во рамки на настанот планиран е концерт со музичката група „Фросина“ и Камерниот оркестар од Охрид, информира претседателот на здружението „АртВивенди“ Ѓоко Алоски.

Целта на овој проект е оживување на еден, по малку, подзаборавен охридски амбиент. Амбиентот ќе биде обоен со духот на старата охридска чалгија, со којашто трубадурот Садило со својата тајфа, постојано го обогатувал градското секојдневие и трајно го оплеменил охридското музичко минато, вели Алоски.

Покрај прозвучувањето на чалгиски звук, додава, неколку реплицирани стари фотографии ќе го комплетираат аудио/визуелното патување, кое целосно му го посветуваме на Климе Садило со неговата тајфа, но и на сите чалгаџии коишто ја создале и многу посветено ја негувале оваа прекрасна староградска традиција.

Настанот посветен на виртуозот Садило здружението „АртВивенди“ го организира и посветува втора година по ред и истиот е целосно поддржан од Општина Охрид.

OhridNews