Русија оваа зима ја остави Украина мрачна и студена. Затоа, нашата поддршка за земјата мора да продолжи. Мораме да им помогнеме на Украинците, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска на почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-члени на Алијансата, што се одржува во Букурешт.

Столтенберг вторпат во текот на денот посочи дека НАТО не е дел од конфликтот, но ќе ја поддржи Украина онолку колку што е потребно и ќе ја брани секоја педа од нејзината територија.

Руската војна ја загрози евроатлантската безбедност и предизвика страдање на Украинците, предизвика енергетска и прехранбена криза на глобално ниво. Затоа, да и помогнеме на Украина да се одбрани, истакна претседателот на Романија, Клаус Јоханис.

Тој додаде дека НАТО треба да ги спроведе одлуките од Мадрид, особено оние поврзани со Црно Море и источното крило на Северноатлантската алијанса.

Состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Букурешт продолжува зад затворени врати. Сесијата се одржува со учество на Финска и Шведска, кои имаат статус на земји поканети официјално да се приклучат на организацијата.

OhridNews