Бугарскиот министер за спорт Свилен Нејков покренал истрага откако исти шест броеви се извлечени на националната телевизија две седмици по ред.

Веројатноста тоа да се случи е 1 наспрема 4.2 милиони, истакнува математичарот Михаил Константинов и додава дека „е сепак можно тоа да се случи“.

Бројките  4, 15, 23, 24, 35 и 42 се извлечени пред телевизиските камери на 6 септември, а потоа и четири дена подоцна, иако со друг редослед.


На третото извлекување се извлечени три од тие шест броеви.

Потпретседателката на бугарската лотарија Марија Јанева, изјавила за дневникот 24 часа дека “секое местење на извлекувањето е исклучено“.

Во првото извлекување немало добитник, а во второто дури 18 луѓе имале ливчиња со победничките броеви и добиле по 5000 евра.

Последниот џекпот на бугарската лотарија, вреден 1.94 милиони евра е извлечен во јануари 2008.