Изведба на атмосферска канализација на улицата „Александар Гушо“ за решавање на проблемот кој го имаат жителите од овој дел побара советничката Милена Гроздановска на последната седница на Совет. Пренесувајќи го барањето на жителите посочи дека секогаш при поголеми врнежи им се поплавуваат куќите и подрумите и трпат големи штети.
Минатата седница зборував за улицата „Александар Гушо“ каде треба да се изготви атмосферска канализација. Од страна на стручните служби во општината ми беше кажано дека тоа е огромен зафат бидејќи треба да се врши и зафат на ул. „Питу Гули“. Разговарав со стручни лица во ЈП „Нискоградба“ коишто ми кажаа дека нема потреба на улицата „Питу Гули“ никаков зафат да се прави, бидејќи цевките се доволно големи и оставени се сливници односно приклучоци коишто ќе можат да ја приберат, апсорбираат, атмосферската вода од споредните улички, односно од „Александар Гушо“, „1-ви мај“ и др. Ќе ве замолам да влезе во изготвување на Нацрт буџетот за следната година и тој проблем да го решиме, рече Гроздановска.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески кажа дека имал средба со жители на таа улица на кои присуствувале и претставници на Секторот за кумунални дејности.
Како Сектор за комунални дејности го имаме разгледувано овој проблем. На состанокот заклучивме дека доколку се пристапи само на решавање на таа конкретна улица, ќе го решиме проблемот тука, но бидејќи е цел комплекс, истиот проблем ќе го имаме и на друга улица. Се договоривме со Секторот за комунални дејности во програмата за следната година да предвидиме средства во буџетот и да го решиме цел тој дел таму. Таму проблемот го прави атмосферската вода, не го прават цевките за канализација. Ние доколку таму направиме атмосферска канализација, тогаш нема да има потреба од менување на постоечките цевки. Сега целиот проблем го прави, не големината на цевките од канализација, туку тоа што атмосферските води се мешаат со водите од канализација и поради тоа доаѓа до прелевање и дворовите на луѓето им се полнат со вода, посочи Китески.
Решението е, истакна Китески, раздвојување на атмосферската од фекалната канализациона мрежа.
Доколку проблемот се решава со поставување поголеми цевки, тое е незаконски, односно ќе продлжи мешање на атмосферската и фекалната канализација што значи значи оптеретување на колекторот. Во следниот буџет ќе имаме предвидено средства за изградба на атмосферска канализација на цел потег таму, за овие проблеми да станат минато, додаде Китески.
Н.С.Ј.