Белгија денеска одлучи да го задржи највисокото ниво на тревога од опасност од можни терористички напади во главниот град Брисел, поради што ниту во понеделник нема да биде во сообраќај подземната железница, а сите училишта во Брисел ќе бидат затворени, изјави белгискиот премиер Шарл Мишел, а истовремено медиумите пренесуваат дека во центарот на белгиската престолнина започнала антитерористичка операција.

Според очевидци, кои говорат за телевизијата РТБФ и весникот Либре Белгиљуе, значително е присуството на војници и полицијата во областа на централниот бриселски плоштад Гран плас, кои преку разглас ги предупредуваат граѓаните да не приоѓаат до прозорците. Безбедносните сили блокирале неколку улици кои водат кон Гран плас и Ру ди Миди

Неколку минути претходно телевизијата РТЛ јави дека е блокиран хотелот „Радиссон Блуе“, на околу 300 метри од плоштадот. Според извештајот, полицијата воспоставила безбедносен периметар околу хотелот, а во операцијата учествуваат и војници. Според непотврден информации, блокирани се влезовите и излезите од зградата, а персоналот и гостите се во хотелот.

„Стравуваме од напади како оние во Париз, што значи дека некои поединци би можеле да изведат напади во Брисел на повеќе места истовремено“, изјави малку пред тоа премиерот Шарл Мишел по состанокот на националниот Совет за безбедност.

Белгиските власти овој викенд на подрачјето на Брисел го воведоа 4-то највисоко ниво на тревога, додека во остатокот од земјата опасноста од можни терористички напади останува на 3-то од скала со четири нивоа. Во саботата и неделата постојките на подземната железница останаа затворени, како и трговските центри и повеќето продавници и локал во центарот на градот.

Премиерот Мишел повтори дека „постојат индикации дека цели на нападите би можеле да бидат шопинг центри и улици со поголема концентрација на продавници“.

Како последица на одлуката за продолжување на тревогата на највисокото можно ниво училиштата и факултетите во Брисел ќе останат затворени во понеделник, додека јаслите и детските градинки ќе работат за да им се овозможи на родителите да одат на работа. Остануваат затворени, исто така, и метрото и деловите од трамвајските линии кои одат под земјата.

„Ситуацијата повторно ќе биде разгледана во понеделник попладне“, рече премиерот Мишел.

OhridNews
извор:„Макфакс“